„Газета дело Спорт“ пишува дека ако Игуаин си отиде од Јувентус, Алегри сака да му го донесат Марсијал или Мората.
Јувентус за Игуаин плати 94 милиони евра пред две години, но тој не е во истата форма како во првата сезона, па информациите од Италија велат дека шампионот за него би прифатил и околу 63 милиони евра.
Игуаин сака да игра во поофанзивен тим од Јувентус, а во минатата сезона често добиваше задачи од Алегри и во дефанзивата и во почнување на акциите. Напаѓачот сака да биде традиционална деветка и преферира клуб со поофанзивен стил.
Марсијал не е во прв план на Мурињо, поради малата минутажа во Јунајтед не е дел од Светското првенство и веројатно ќе го напушти Олд Трафорд ова лето.
Мората беше одличен во Јувентус, но не импресионираше во Челси, па и тој е мета на Алегри кој во еден од нив двајца ја гледа замената за Игуаин.