Ламин Јамал се огласи на својот Инстаграм по потврдата од Барселона дека за него актуелната сезона е завршена поради повреда.
Синоќа против Селта во 32. коло од шпанската Ла Лига (1-0), тој го постигна единствениот гол на натпреварот од пенал, но при ударот заработи повреди на задната ложа, поради што неговата сезона во дресот на Барселона е завршена.
„Оваа повреда ме отстрани од теренот во момент кога најмногу сакав да бидам таму и боли повеќе отколку што можам да опишам со зборови. Ме боли што не можам да се борам со моите соиграчи, што не можам да помогнам кога сум најпотребен. Но, верувам во нив и знам дека ќе дадат сè од себе на секој натпревар“, напиша Јамал.
Тој им се заблагодари на навивачите за поддршката.
„Ќе бидам тука, дури и од клупата, ќе ги поддржувам, ќе навивам и ќе ги туркам напред како и секој друг играч. Ова не е крај, ова е само пауза. Ќе се вратам посилен, поамбициозен од кога било, а следната сезона ќе биде уште подобра. Ви благодарам за пораките. Напред Барса“, порача Јамал.
Барселона на шест кола пред крајот на Ла Лига има девет бода предност пред Реал Мадрид и би требало без поголеми проблеми да ја одбрани титулата, дури и без Јамал во завршницата на сезоната.
Според најавите Јамал ќе биде подготвен за настап со Шпанија на Светското првенство од самиот почеток, Мундијалот стартува на 11 јуни.