Поранешниот
напаѓач Филипо Инзаги признава дека Манчестер јунајтед платил за големата желба
на Милан да му се одмазди на Ливерпул за загубеното финале во 2005 година, кога
„Росонерите“ прокоцкаа водство од 3-0, за на крајот да загубат на пенали.
Веќе во 2007
година, следеше слатка одмазда на Милан кој во финалето со двата гола на Инзаги
дојде до победа од 2-1 и го крена трофејот од елитното европско клупско
натпреварување, а најдобриот играч на тоа финале се присетува на патот до
пехарот.
„Три работи ми доаѓаат
на ум кога ќе се присетам на сето тоа, првото е секако погледите во автобусот,
бевме доста концентрирани на тоа што следеше, второто е дождот, се случи едно
големо невреме, а третото се навивачите, Сан Сиро е секогаш посебен, но таа
вечер беше многу повеќе од нешто посебно“ издвои поранешниот напаѓач.
„Ливерпул се
квалификуваше во финалето 24 часа пред нас, а тоа беше екипа која ни нанесе
голема болка од 2005 година во финалето во Истанбул, го чекавме моментот, а тоа
се случи во 2007 година во Атина, навистина го посакувавме тоа, а Манчестер јунајтед
плати за нашата огромна желба да им се одмаздиме на Ливерпул“ додаде Инзаги, алудирајќи на тогашниот реванш против „Црвените ѓаволи“ каде Милан славеше со убедливи 3-0, а претходно загубија со 3-2 во првата пресметка.
Денеска Манчестер јунајтед на домашен терен го пречекува Милан во првиот дуел помеѓу овие две екипи во осминафиналето од Лига Европа.