Екипата на Струга неколку дена по загубеното финале во Купот на Македонија од Вардар се раздели со тренерот Илчо Ѓорѓиоски.
Струга остана без успех и во првенството каде што не ја одбрани титулата освоена минатата сезона, а исто така не обезбеди ниту место за европските квалификации. Поради тоа и се очекува промена на струшкиот тим.
„Клубот и тренерот Илчо Ѓорѓиоски донесоа заедничка одлука да се разделат по завршување на сезоната. По меѓусебните дискусии и размислувања за идните насоки, двете страни се согласија дека е вистински момент за промена. Ѓорѓиоски изрази подготвеност да поднесе оставка, преземајќи ја одговорноста за неодамнешните настапи на тимот. Клубот ја почитува оваа одлука и верува дека е време за нов почеток. Му се заблагодаруваме на Ѓорѓиоски за неговиот придонес, и му посакуваме успех во понатамошната кариера“, пишува во соопштението на ФК Струга ТЛ.
По разделбата се огласи и Ѓорѓиоски кој е свесен дека амбициите не биле исполнети.
„Благодарност до раководството, техничкиот персонал и фудбалерите за соработката што ја имавме во изминатиот период. Кога го презедов тимот, верував дека ќе се квалификуваме за европските натпреварувања и бевме на прагот да ја постигнеме оваа цел, но за жал не успеавме во последниот чекор, не го освоивме финалето на Купот на Македонија. Поради овој факт, поднесувам оставка од функцијата шеф на стручниот штаб на клубот, посакувајќи ѝ на Струга Трим Лум многу среќа и успех во иднина, истакна Ѓорѓиоски.