Првите луѓе на „Баварците“ во петокот имаа вонредна прес конференција на која жестоко „удрија“ по новинарите и стручните коментатори. Ги обвинија медиумите дека не известувале реално и дека пишувале злонамерни написи.
Ули Хенес ја искористи оваа ситуација за да го искритикува поранешниот играч Хуан Бернат, кој изминатово лето беше продаден на ПСЖ.
„Два пати слушнав како го величите Хуан Бернат! Бернат! Наводно причина за серијата лоши резултати е тоа што Баерн го продал Хуан Бернат на ПСЖ. Да ви кажам нешто. Кога игравме против Севиља, тој беше главен виновник што за малку ќе испадневме од Лигата на шампионите, и уште тој ден решивме дека мораме да се ослободиме од него. За малку ќе не чинеше елиминација од Лигата на шампионите. Камо да можев да ги слушнам вашите коментари по тој меч, за тоа како играше како гом*о“ – рече претседателот на Баерн Минхен.
Левиот бек вчера беше запрашан за ваквите коментари и наместо да продолжи со кавгата, само изрази благодарност и ги освои симпатиите на фудбалските фанови.
„Немам што да кажа. Ме учеа да бидам благодарен. Никогаш нема да кажам лош збор за Баерн и секогаш ќе му бидам благодарен на Баерн. Оставив многу пријатели таму откако поминав четири години. Со некои се уште регуларно контактирам. Им посакувам се најдобро и многу среќа“ – истакна левиот бек.