Авантурата на Нико Ковач на Алианц Арена не оди според планот, по одличниот почеток следуваше мала резултатска криза и три меча без победа. Но веројатно поголем проблем е тоа што неколку фудбалери не се задоволни од начинот на кој тој раководи со составот односно честите ротации.
Најпогоден од ова е Хамес Родригез, медиумите веќе пишаа дека на Колумбиецот му е преку глава, и по дуелот со Ајакс во Лигата на шампионите, тој си замина од стадионот по само 10 минути од последниот свиреж, видно вознемирен, без да зборува и без да удри туш.
Медиумите сега пишуваат за нов инцидент, наводно дошла до жестока расправија помеѓу Хамес Родригез и Нико Ковач, по која играчот му порачал на тренерот: „Ова не е Франкфурт“ алудирајки на претходниот клуб кој го водеше Хрватот, Ајнтрахт кој е далеку помал од Баерн.
Честите ротации и бунтот на Хамес Родригез исто така не е единствениот проблем за Нико Ковач. Одредени играчи, како и помошник тренерот Петер Херман, кого Баерн изминатово лето го врати од пензија, не се задоволни од тоа што стратегот зборува на хрватски со својот асистент и брат, Роберт Ковач како и тренерот на голманите, Тони Тапаловиќ и спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ.
Играчите, од кого Баерн бара да научат германски и овој јазик да го користат за комуникација, сметаат дека Нико Ковач покажува непочитување. Во Баерн важен дел од културата е сите да зборуваат германски, и клубот многу често на социјалните мреже знае да постира видеа од странците како бележат прогрес и го совладуваат германскиот јазик.