Норвешкиот напаѓач Ерлинг Халанд со својот гест ја трогна јавноста и семејството на шестгодишниот Денис, кој трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа во Норвешка.
Откако дознал дека токму тој бил најголемиот идол на момчето, фудбалерот на Манчестер сити, заедно со своите родители, решил да испрати емотивен пакет до неговото семејство.
На адресата на родителите пристигнале потпишан дрес од норвешката репрезентација, како и рачно напишано писмо со зборови на поддршка и сочувство.
Несреќата ја погоди цела Норвешка, а потегот на Халанд уште еднаш покажа дека, покрај тоа што е голем фудбалер, тој е и голем човек.
„Драги родители, Матијас и Тирил,
Примете го нашето најискрено сочувство поради загубата на Денис. Како родители, браќа и сестри, не можеме ни да замислиме низ каква болка поминувате, но сакаме да знаете дека во овие исклучително тешки моменти нашите мисли се со вас. Дознавме дека Денис многу го сакал фудбалот, па затоа сакавме да ви го испратиме ова.
Со почит,
Ерлинг Халанд
Семејството Халанд“
Родителите на малиот Денис јавно му се заблагодарија на Халанд, истакнувајќи дека ваквиот знак на внимание им донел утеха во еден од најтешките периоди во нивните животи.