Пеп Гвардиола вели дека тој не е доволно добар откако Манчестер Сити синоќа изгуби добиен натпревар против Манчестер јунајтед и ја продолжи црната серија.
„Граѓаните“ до 85. минута го имаа под контрола натпреварот против „ѓаволите“, водеа со 1-0 и беа на чекор до победа во градското дерби.
Но потоа Матеуш Нунеш направи катастрофална грешка, прво продаде една топка, а потоа направи и пенал врз Амад Диало.
Бруно Фернандеш изедначи на 1-1 од белата точка, а две минути подоцна и Амад Диало го матираше Едерсон за 1-2 и огромно славје на Манчестер јунајтед.
Па Пеп Гвардиола во неверица повторно си ја гребеше главата, а по крајот на натпреварот порача дека во овој момент тој едноставно не е доволно добар.
„ Јас сум шефот, јас сум тренерот и едноставно не сум доволно добар. Морам да најдам решение, но еве до овој момент не успевам“ – вели Пеп.
„Морам да најдам начин со кој ќе допрам до играчите, подобро да комуницирам со нив на тренингот, да им објаснам како да играат, како да притискаат, како да ги градат акциите“.
„Знам дека луѓето велат, „Играчите се виновни, не играат на потребното ниво“, но тоа не е точно. Јас не сум доволно добар, морам да најдам решение за играчите да чувствуваат мир во телото и умот“.