По двата последователни порази, Работнички им се врати на победите откако со 2-0 го совлада Арсими на градскиот стадион во Скопје, надежта за опстанок се одржува.
Работнички влезе во серија од четири победи по ред, пред да дојдат поразите од Шкендија и Вардар. Откако минаа дуелите со најсилните, дебармаалци им се вратија на победите. Денеска беше совладан Арсими.
Првото полувреме на денешниот меч мина во исклучително здодевен фудбал, немаше голови, а не беа создадени ниту шанси за да биде затресена мрежата на било кој тим.
По девет минути игра во вториот дел Работнички поведе со 1-0 благодарение на гол на Муарем по една убава акција на домашниот тим.
По постигнатиот гол Арсими почна да игра офанзивно, а Работнички од контра напади бараше втор гол. До тој дојде пред последниот свиреж на судијата кога Хоџа постигна гол за конечни 2-0.
По 28 одиграни кола Работнички уште се наоѓа меѓу екипите кои испаѓаат, има еден бод помалку од тимот на Пелистер кој е во бараж зоната.
Во следното коло Работнички гостува кај Македонија Ѓорче Петров, а Арсими би требало да има лесна задача против Шкупи.