Елиминацијата на Хрватска од Светското првенство по поразот од Португалија и натаму предизвикува бурни реакции, а најголем дел од дебатата е насочен кон поништениот гол во самиот финиш на натпреварот.
Во 103. минута Јошко Гвардиол ја затресе мрежата, но по интервенција на ВАР погодокот беше поништен. Судискиот тим процени дека Игор Матановиќ минимално ја допрел топката по центаршутот, по што Марио Пашалиќ, кој учествуваше во акцијата, се нашол во офсајд-позиција.
Токму тој речиси незабележлив контакт стана предмет на бројни полемики. Матановиќ и самиот призна дека почувствувал допир со топката во пределот на косата, што дополнително ја отвори дилемата околу исправноста на одлуката.
Од ФИФА посочија дека благодарение на напредната технологија и чипот вграден во топката бил регистриран контактот. Сепак, дел од јавноста укажува дека постои правило кое не било доволно земено предвид при донесувањето на конечната одлука.
Според правилникот на ФИФА, косата се смета за дел од телото само доколку нејзиниот контакт има влијание врз движењето или правецот на топката, што најчесто се однесува на ситуации со значително поголем контакт, како на пример при удар во пунџа или подолга коса.