ФФМ не ја усвои жалбата на Академија Пандев, нема казна за Шкендија

by
2 минути читање

Академија Пандев поднесе жалба до ФФМ сметајќи дека е направен прекршок на правилото секој тим во ПМФ да има фудбалер до 21 година во текот на првото полувреме.

Во 21. минута од мечот, играчот на Шкендија, Енис Фазлагиќ заработи црвен картон по што домаќините 15 минути играа без играч под 21 година кога во 36. минута влезе Шефити Шефит.

И самиот член 20 став 3 е спорен, тој гласи: „Сите клубови учесници во натпреварувањето во Првата лига првото полувреме мора да го започнат и да го завршат со еден домашен фудбалер кој нема навршено 21 година“.

ФФМ денеска ја објави пресудата, бидејќи се работи за црвен картон, а не за намерна измена од тимот, Шкендија нема да биде казнета. Во продолжение во целост ја пренесуваме одлуката на ФФМ:

„Комисијата за натпреварување при Фудбалската федерација на Македонија по разгледување на жалбените наводи и документацијата за натпреварот Шкендија – Академија Пандев изврши увид во записникот од прволигашката пресметка на двата клуба, детално го разгледа дополнителниот делегатски извештај и изјава од судијата на натпреварот одигран на 25. Февруари 2018. во Тетово во рамки на 21. коло на Прва МФЛ при што ја утврди следната фактичка состојба:

Комисијата за натпреварување во конкретниот случај ги ценеше и другите оконости кои влијаеле на последиците од постапките на пријавената екипа, но од писмените докази се утврди дека се работи за исклучување на играч заради добиен црвен картон од страна на судијата на натпреварот, добиената санкција – црвен картон има суспензивно дејство и екипата чии играч се исклучува останува со играч помалку. Согласно ова комисијата  утврди дека клубот нема направено дејство во насока на прекршување на правилото, од причина што екипата останала со играч помалку поради санкција изречена од службено лице –црвен картон. Полувремето, го играла и завршила со играч помалку.

Со одредба од Пропозициите за натпреварување (Правилото од член 20 став 3 ) е утврдена обврската на клубот да го отпочне и заврши натпреварот со 1 (еден) домашен фудбалер кој нема навршено 21 година и обврската предвидена за клубот ќе се смета за прекршена доколку клубот превземе дејство во насока на отсуство (на пример да изврши измена во текот на натпреварот) на  1 (еден) домашен фудбалер кој нема навршено 21 година во играта. Во конкретниот случај клубот нема превземено такво дејство, туку клубот останал да го игра полувремето без 1 (еден) домашен фудбалер кој нема навршено 21 година поради одлука на службено лице (санкција – црвен картон). Клубот полувремето и натпреварот го играл со играч помалку.  Во таа насока од причина што Комисијата утврди дека од страна на клубот не е направен прекршок на одредбата од член 20 став 3 од Пропозициите за натпреварување на Прва МФЛ, врз клубот не може да се превземат санкции предвидени во член 100 став 1 точка 10 од Правилникот за натпревари“.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани