Норвежанецот во декември го наследи Жозе Мурињо на привремена основа до крајот за сезоната, но за кратко време ги врати „ѓаволите“ на победнички патеки, сврза убава серија добри резултати, па ја доби довербата од лидерите на клубот и стави потпис на тригодишен договор.
Сепак, Манчестер јунајтед во финишот од сезоната влезе во криза, по победата од 3-1 во Париз на почетокот од март, славеше само два пати и загуби дури на осум натпревари. Најтрофејниот клуб од Англија беше елиминациран од Барселона во Лигата на шампионите, беше поразен од Вулверхемптон во ФА Купот а ја загуби и битката за топ четири пласман во Премиерлигата и остана без настап во Лигата на шампионите.
Па многумина прашаа дали била исправна одлуката да му се даде шанса на Оле Гунар Солскјер и дали Норвежанецот е кадарен да го врати клубот на врвот.
Денешното издание на Дејли Мејл вели дека Сер Алекс Фергусон сметал дека назначувањето на Норвежанецот за нов тренер е грешка и лидерите на клубот требале да се обидат да го донесат Маурисио Покетино пред да му понудат перманентен договор на Оле Гунар Солскјер.
Весникот исто така додава дека Шкотот е разочаран и поради тоа што е маргинализиран од страна на Ед Вудворд, и неговите совети не допираат до директорите на Манчестер јунајтед.
Наводно и односот помеѓу Ферги и Солскјер бил нарушен и двајцата не се толку блиски како што се чини. Шкотот бил изолиран, и за тоа што се случува во Манчестер јунајтед добивал информации од неговиот поранешен помошник и добар пријател, Мајк Фелан.