Италија под
водство на Роберто Манчини ја почна новата фудбалска ера на репрезентативен
план по огромното разочарување откако Аѕурите не успеаа да се изборат за место
на изминатото Светско првенство во Русија.
Синоќа во Џенова,
Италија одигра реми со резултат 1-1 против Украина во контролен меч, а први во
водство дојдоа домаќините со голот на Бернардески во 55. минута, но, само седум
минути траеше нивното водство по голот на Малиновски.
Доста емоции имаше
на Луиџи Ферарис, поточно во 43. минута кога обете екипи ја сопреа играта, а со
тоа искажаа почит кон жртвите на катастрофата која настана на мостот во Џенова,
која однесе 43 жртви.
Во моментот кога
фудбалерите ја запреа играта, тие заедно со стручните штабови на двете
репрезентации, како и целото гледалиште аплаудираа во сеќавање на оние кои ги
загубија своите животи, а на видео бимот од арената излезе порака која гласеше
„Џенова во срцето“.
„Во вакви моменти,
луѓето мораат да си помогнат едни на други, не постојат непријателства во
трагедии кои го опфаќаат светот“ рече селекторот на Украина, Андриј Шевченко по
мечот.