Барселона синоќа обезбеди финале во Копа дел Реј откако на продолженија со 3-0 ја победи Севиља. Натпреварот беше драматичен и тензичен. Гостите промашија пенал за 1-1, а Барса преку Пике стигна до 2-0 во последните секунди од мечот, односно 94. минута.
Во продолженијата гостите бараа нов пенал за играње со рака на Ленгле, не им се допаднаа уште неколку одлуки на судијата, па по последниот свиреж, тренерот Лопетеги неколку минути се објаснуваше со арбитарот Хозе Мариа Санчез Мартинез.
Според Кадена СЕР, во тунелот кон соблекувалните настанала и расправија помеѓу Лео Меси и директорите на Севиља.
Претседателот Пепе Кастро и спортскиот директор Мончи ги чекале фудбалерите на Барса да завршат со славењето, и кога се упатиле кон соблекувалните почнале да им дофрлаат.
„Секогаш победувате вака (со судии)“ – била пораката од Кастро и Мончи.
Лео Меси само ладно им одговорил: „Ќе си одите дома нервозни“.