Столе Димитриевски и официјално ја продолжи верноста кон Валенсија до 2028 година, а по потписот на новиот договор порача дека никогаш немал дилема околу останувањето на „Местаља“.
Македонскиот репрезентативец истакна дека уште од првиот ден бил убеден дека сака да остане дел од клубот и нагласи дека е горд што го брани голот на еден од најголемите шпански клубови.
„Многу сум среќен и воодушевен што можам да го објавам ова двегодишно продолжување со Валенсија. Немав никакви сомнежи околу продолжувањето, отсекогаш го посакував и бев фокусиран на тоа бидејќи сум многу среќен тука и со сè што претставува клубот. Секогаш се трудам да го покажам и да го дадам најдоброто од себе. Знам што е Валенсија и колку е голема, знам какви се нејзините луѓе и сè што доаѓа со овој клуб. Штета што првенството заврши бидејќи се чувствував добро и бев среќен. Не успеавме да го оствариме тоа што го посакувавме“, изјави Димитриевски.
На крајот, тој се осврна и на амбициите со македонската репрезентација, потенцирајќи дека настапот на Светско првенство останува една од неговите најголеми желби.
„Да се квалификуваш на Светско првенство од Европа е многу тешко. Мора да завршиш прв во групата, а баражот е многу комплициран. Веројатно имам уште едно или две Светски првенства пред мене и ќе се обидам со сета моја желба и моќ“, истакна Димитриевски.