Дербито на денот на Мундијалот ќе се игра во пеколни услови, а можно е и одложување!

by Стефан
2 минути читање

Хрватска и Португалија ќе се соочат во шеснафиналето на Светското првенство, а натпреварот кој е закажан за во ноќта која следи од 01:00 часот ќе донесе екстремни услови за игра.

Според временските прогнози, температурата за време на натпреварот ќе достигне околу 32 Целзиусови степени, додека поради високата влажност чувството ќе биде како да се игра на дури 42 степени.

Дополнителен проблем претставува и можноста за грмежи и невреме, кои би можеле да влијаат на текот на натпреварот. Бидејќи средбата започнува во 19 часот по локално време, постои реална можност лошите временски услови да го зафатат стадионот токму за време на дуелот, пренесуваат португалските медиуми.

„Вакви температури повеќе очекував во Мајами отколку во Торонто. На почетокот тоа беше шок за нас, но трениравме во слични услови и верувам дека добро се приспособивме. Убеден сум дека, без разлика на жештината, ќе одиграме на највисоко можно ниво“, изјави помошник-селекторот на Хрватска, Ивица Олиќ.

ФИФА веќе воведе посебни протоколи за натпревари што се играат во екстремно високи температури, но засега нема најава дека некој натпревар би можел да биде одложен или прекинат поради жештините.

На сите отворени стадиони обезбедени се климатизирани клупи за стручните штабови и резервните фудбалери, како и вода, електролити, мраз, разладени пешкири, вентилатори, системи за распрскување водена магла и дополнителни засолнети простори.

Од ФИФА истакнуваат дека распоредот на турнирот е изработен по детална анализа на ризикот од високи температури за секој град-домаќин.

Кога станува збор за евентуално невреме со грмежи, правилата се јасни. Доколку се регистрира грмотевица во радиус од 13 километри од стадионот, натпреварот веднаш ќе биде прекинат за играчите, службените лица и навивачите да можат безбедно да се засолнат. За дуелот да продолжи потребно е половина час во споменатиот радиус да нема грмотевица.

Временските услови на Мундијалот веќе создадоа проблеми на дуелот помеѓу Франција и Ирак од групната фаза кој беше прекинат на полувремето.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×