Македонската фудбалска репрезентација не ги оправда очекувањата на јавноста, избраниците на Игор Ангеловски потфрлија, беа комплетно надиграни и понижени од Австрија која победи со 4-1.
Австријците создадоа многу повеќе шанси, дадоа четири голови, а да не беа неколкуте одлични интервенции на Димитриевски можеа уште повеќе да го наполнат неговиот гол. Имавме водство на натпреварот, но тоа беше случајно, противникот беше многу подобар.
Првото полувреме можеше да почне шокантно за Македонија, уште во 35. секунда Арнаутовиќ излезе сам пред Димитриевски но нашиот голман го одбрани ударот и спаси рано водство на Австрија.
Десетина минути подоцна Австрија повторно се најде во убава шанса, овој пат Забицер излезе странично сам пред Димитриевски но биеше крај голот.
Во 18. минута радост за Македонија, Центаршут на Алиоски, Хинтергер сакајќи да врати на својот голман си постигна автогол за наше водство од 1-0.
Шест минути подоцна нова голема шанса на Арнатуровиќ, уште еднаш беше сам пред Димитриевски, но и овој пат нашиот голман беше поуспешен.
Македонија својата прва голема шанса ја имаше во 30. минута кога Пандев се најде во идеална позиција но од само неколку метри биеше над голот на Австрија.
Пет минути подоцна по центаршут на Николов, Несторовски со глава ја погоди пречката, но и да дадеше гол тој немаше да важи бидејќи судијата досуди фаул од него.
Во 39. минута израмнување на резултатот, Лаимер упати долг пас од далеку до Лазаро кој беше побрз од нашата одбрана, шутираше постигна гол за 1-1.
Пред самиот крај на полувремето Австрија можеше да направи и комплетен пресврт, но Забицер ја погоди стативата.
И во второто полувреме првата шанса беше за Австрија, Забицер од пет метри биеше со глава, но Димитриевски и овој пат одбрани.
Во 60. минута Бејтулаи направи наивен прекршок за пенал, сигурен реализатор од белата точка беше Арнаутовиќ за комплетен пресврт и водство на Австрија од 2-1.
На десет минути пред крајот Арнатуровиќ погоди со глава и ги реши сите дилеми околу победникот, Австрија поведе со 3-1.
Но тоа не беше се, на пет минути до крајот Лаимер даде гол за конечна победа од 4-1.
По четирите одиграни натпревари може да се заклучи дека Македонија игра уште едни квалификации на разочарувачко ниво, победите во Лигата на нации биле само поради неквалитетот на противниците.