„Старата дама“ во последните денови од преодниот рок ќе донесе големо засилување, на „Алианц“ треба да пристигне Федерико Киеза. Со денови има согласност помеѓу Фиорентина и Јувентус, но беше потребно „бјанконерите“ да се ослободат од неколку играчи.
Вечерва пристигна информација дека е договорено Матија Де Шињо да се пресели во Лион на позајмица, а на позајмица ќе оди и Даглас Коста, кој ќе се врати во Баерн Минхен.
Па со овие две зделки се отвара врата за преселба на Федерико Киеза во Торино.
Се шпекулира дека се работи за двегодишна позајмица вредна 10 милиони, плус опција играчот во целост да биде купен за додатни 50 милиони евра. Опцијата станува обврска доколку се исполанат одредени услови.
Последна пречка за реализација на зделката е Федерико Киеза да го продолжи договорот со Фиорентина, со оглед на тоа дека сегашниот истекува во 2022 година. „Виолетовите“ на овој начин ќе се осигураат дека нема да останат со празни раце доколку Јувентус поради некоја причина не го купи во целост играчот.