Фановите на
„Старата Дама“ почнаа да сонуваат откако голем број на извори секој ден имаат
по неколку стории за можен трансфер на Кристијано Роналдо во Торино.
Од Шпанија се
говори дека веќе е договорен трансфер од 100 милиони евра, но медиумите во
Италија се многу попретпазливи и велат дека во моментов нема никакви преговори
помеѓу двата клуба. Жорж Мендеш на лидерите на „Старата Дама“ им го понудил ЦР7
и тие сега разгледуваат дали и колку е исплатлива една ваква зделка која
доколку се соберат сите суми (обесштетување за Реал, платата за играчот и
провизиите на агентите) може да стигне и до 400 милиони евра.
Човекот кој е
задолжен за трансферите на Јувентус, Бепе Марота денеска беше запрашан за
можноста Кристијано Роналдо да заврши во Торино, но тој со насмевка на лицето
само кратко одговори: „Немам коментар, немам коментар“.
На оваа тема се
огласи и поранешниот трансфер гуру на „Старата Дама“, популарниот Лучано Моџи,
кој за малку ќе го донесеше Роналдо во Јувентус кога Португалецот како тинејџер
ги одработуваше последните денови во Спортинг.
Запрашан што
мисли за шпекулациите, Моџи вели: „Ме смеат сите овие гласини. Проблемот на Јуве не се вика
Роналдо, потребно е да се среди одбраната и средниот ред“.
„Според мене, ќе
биде грешка да се купи Кристијано, особено со плата од 30 милиони евра“.
„Никој не треба
да заборави дека јас го имав договорено трансферот на Роналдо кога тој беше
момче, но Марсело Салас не сакаше да потпише за Спортинг, па зделката никогаш
не се реализираше“.