Од редовите на Брера Струмица преку социјалните мрежи ја информираа јавноста дека клубот ќе продолжи да се натпреварува во младинските конкуренции и во Втората лига од која ќе биде дел сениорскиот тим.
Од клубот порачаа дека остануваат посветени на развојот на младите фудбалери, а настапот во второлигашката конкуренција го гледаат како нов предизвик и можност за дополнително напредување на своите таленти.
Во соопштението се истакнува дека клубот располага со квалитет и потенцијал, што најдобро го потврдуваат резултатите на младинските селекции.
„Заради се позачестените дезинформации, невистини и манипулации кои кружат во јавноста, ФК „АП Брера Струмица“ ја известува јавноста дека и во наредната сезона ќе продолжи да се натпреварува како со младинските категории така и со сениорски состав во Втората македонска фудбалска лига која ќе биде одлично искуство и нов предизвик за нашите млади фудбалери. ФК„АП Брера Струмица“ има квалитет, има потенцијал. Доказ се нашите момци кои покажаа дека имаат карактер и победнички менталитет освојувајки ја двојната круна во младинските натпреварувања. Со овој успех, нашите момци а со тоа и нашиот клуб по втор пат во својата историја ќе настапува во Младинската УЕФА лига на ШАМПИОНИ – што е потврда за правилната работа, посветеноста на нашата управа и стручниот тренерски кадар за развој на младите таленти во клубот. Паралелно ја информираме јавноста дека нашиот клуб брои повеќе од 300 деца кои секојдневно тренираат, се натпреваруваат и ја живеат љубовта кон фудбалот. Тие се иднината не само на нашиот клуб туку воопшто и на македонскиот фудбал. Тие се нашата дополнителна мотивација за нови долгорочни успеси. Токму затоа, овој период ќе го искористиме за реконструкција и дополнителна организација на младинската школа. Ќе работиме на создавање на уште подобри услови за развој на нашите идни фудбалери – затоа што децата го заслужуваат најдоброто. Ќе бидеме посветени на сопствениот потенцијал но и широко ги отвораме вратите за фудбалските надежи. Продолжуваме посилни, поорганизирани и со јасна визија за иднината!“, стои во реакцијата.