Жозеп Мариа Бартомеу денеска поднесе оставка од претседателската функција а истото го стори и бордот на директори на Барселона. Пред и официјално да ја соопшти одлуката, тој на медиумите им пренесе дека вчера била донесена одлука „каталонците“ да настапат во идната Европска супер лига.
„Можам да соопштам извонредни вести, вчера, бордот на директори го одобри настапот во иднината Европска супер лига, проект кој е промовиран од големите клубови во Европа, натпреварување кое ќе гарантира финансиска стабилност во иднина“ – рече Бартомеу.
„Со гордост можеме да кажеме дека сме најдобриот клуб во светот кога е во прашање вредноста. Успеавме во тоа и покрај тоа што не сме во сопственост на некоја држава или милијардер, клубот остана во рацете на членовите и Европската супер лига ќе гарантира дека клубот ќе остане во рацете на членовите и во иднина“.
Жозеп Мариа Бартомеу сепак не прецизираше кога ќе започне оваа лига за која долго време се шпекулира, ниту пак кажа од што ќе се откаже Барселона – Ла Лига или Лигата на шампиони.
Тој исто така откри дека дале амин за настап во новото Светско клупско првенство со 24 клубови кое го промовира ФИФА и кое треба да се одржува на секои две години.