Барселона по голема драма со пет гола и два пресврти го реши Реал за трофејот во Купот! (ВИДЕО)

by 24 фудбал
1 минути читање

Екипата на Барселона го освои трофејот во Копа дел Реј, откако по продолженија го совлада Реал Мадрид со 3-2 (1-0). Средбата која се одигра на стадионот „Ла Картуха“ во Севиља понуди многу драма, возбудувања, полемика, два пресврти и пет гола.

Барса подобро влезе во мечот, притисна и бараше рано пенал. Со рака играше Валверде, ама судиите сметаа дека нема елементи за најстрога казна. По повредата на Менди во игра влезе Фран Гарсија, а тој му одговараше повеќе на Ламин Јамал кој полесно се справуваше со него. Токму младата ѕвезда на Барса го креира голот кој го постигна Педри за 1-0 во 28 минута од мечот.

Откако немаше промени до полувремето, а Реал имаше поништен гол во игра влезе и Килиан Мбапе. „Кралевите“ тргнаа многу поофанзивно во вториот дел, притиснаа и креираа неколку шанси. Израмнувањето беше дело на Мбапе кој првпат во кариерата даде гол од слободен удар за 1-1 во 70 минута. Само седум подоцна стрела и Орелиен Чуамени за целосен пресврт на Реал.

Сепак, Барселона се врати набргу преку Феран Торес кој го искористи лошото излетување на голманот Куртоа (2-2). Во последните секунди од мечот имаше драма, судијата покажа на 11 метри, а потоа ја смени одлуката и средбата влезе во продолженија. Во нив Барселона прво имаше поништен гол на Торес, за потоа да стигне до нова предност. Жул Кунде во 116 минута со одличен удар третпат го матира Куртоа и со тоа донесе победа и 32 трофеј за својот тим во ова натпреварување.

Фото/Photo: RFEF/Twitter

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2025 – Сите права задржани