Баерн Минхен повторно е владетел на германскиот фудбал, откако по титулата во Бундеслигата стигна и до трофејот во Купот на Германија со убедлива победа над Штутгарт од 3-0 во финалето во Берлин.
Првото полувреме мина без голови и со неколку добри обиди на двете страни, но продолжението целосно му припадна на баварскиот тим. Човек на одлука беше Хари Кејн, кој блесна кога беше најпотребно и сам го реши финалето.
Англискиот напаѓач го отвори резултатот во 55. минута по асистенција од Олисе, а потоа во завршницата уште двапати ја затресе мрежата на Штутгарт. Вториот погодок го постигна десет минути пред крајот, додека во судиското продолжение од пенал го комплетира хет трикот за конечни 3-0.
Штутгарт добро се држеше повеќе од еден час игра, но немаше сила за изненадување против расположениот Баерн, кој со нов трофеј стави печат на успешната сезона.