Челси има три порази на последните четири натпревари во Премиерлигата, последниот беше од Арсенал на Емирати кога сините уште во првото полувреме губеа со 3-0.
Алармот во Челси е вклучен, а познато е дека Роман Абрамович нема многу трпение кога работите не одат онака како што тој посакува.
„Билд“ пишува дека Томас Тухел кој доби отказ од ПСЖ, станува интересна опција за Челси.
Германецот со задоволство би се преселил во тимот каде што ќе работи со своите сонародници Тимо Вернер, Каи Хаверц и Антонио Рудигер. Ќе има одличен тим со високи амбиции и сериозни трансфер буџети во преодните рокови.
Контакт меѓу Челси и Тухел имаше во 2017 година кога тој си замина од Борусија Дортмунд, но тогаш двете страни не се договорија за соработка.
Челси ќе му даде уште некоја шанса на Лампард да ги поправи резултатите, но ако тоа не се случи во брзо време, миленикот на фановите на Челси ќе добие отказ и голема е веројатноста токму Тухел да биде неговиот наследник.