Албанската јавност стравува дека ќе остане без талентираниот фудбалер кој настапува за Адана Демирспор во турската Суперлига, Арда Окан Куртулан.
Станува збор за 22-годишен фудбалер кој настапува на десната бековска позиција и потекнува од школата на Фенербахче. Куртулан во минатото настапуваше за младинските репрезентации на Македонија која му беше прв избор, но поради бирократски проблеми го смени спортскиот пасош и по нашата У21 селекција заигра и за албанската.
Според информациите на албанскиот новинар Клаудион Реца, Арда Окан Куртулан примил повик да заигра за сениорскиот тим на Македонија уште во мартовскиот репрезентативен прозорец.
Наводно селекторот Благоја Милевски веќе го известил фудбалерот дека ќе го повика на следниот список, а засега нема информации за неговата одлука. Во минатото Куртулан играше за селекциите на Македонија до 19 и 21 година.