Македонската фудбалска репрезентација, иако поголем дел од натпреварот беше во подредена улога, сепак може да жали што не го победи Велс и одигравме само 1-1 на домашен терен.
Натпреварот пред над 20.000 публика започна со минута молк за настраданите во трагедијата во Кочани, а првата прилика ја имаше гостинската репрезентација.
По само 30-тина секунди по еден удар од далечина Столе Димитриевски мораше да интервенира и да ја одбие топката во прв корнер за Велс.
Преостанатиот дел од првите 45 минути помина во иницијатива на островската селекција, а најголемата прилика ја имаа во 32. минута кога за наша среќа велшкиот репрезентативц од косо ја врати топката назад.
Ние се заканивм во финишот кога Алиоски шутираше над голот.
Слична беше сликата и во вториот дел, Велс продолжи да игра на нашата половина и да напаѓа.
Емотивен беше моментот кога во 59. минута целиот стадион со громогласен аплауз симболично оддаде почит на жртвите во трагедијата во Кочани.
Набрзо по тоа Македонија во 65. минута ја имаше и најголемата прилика кога Чурлинов шутираше, но одбрани чуварот на мрежата на Велс.
Се играше 75. минута кога Муслиу имаше една одлична интервенција од гол линијата и не дозволи Велс да поведе.
Вистинска драма гледавме во самата завршница кога Миовски прво искористи една грешка во одбраната и погоди во 91. минута за водство на Македонија. За жал тоа не беше доволно за три бода бидејќи Велс буквално во последните моменти успеа да дојде до израмнување откако Димоски погреши.