Фудбалерите на Струга со 3-0 го совладаа лидерот на ПМФЛ Шкендија во 22. коло.
Ова беше дебитантска победа на новиот тренер Илчо Ѓорѓиоски на клупата на шампионот. Тој по мечот го анализира одиграното против тетовчани.
„Со сигурност ова е голема победа, можеби моментално против екипата со најдобра екипа во првенството и многу ни значи, по оној од овој аспект несреќен пораз во Кратово кој го забележавме заради индивидуални грешки. Со Шкендија покажавме дека сме шампионски тим, дека имаме извонредни индивидуалци кои ако се стават во функција на тимот и ако го направиме компактен како на овој дуел, ќе можеме на секој меч да одиме на победа. Ние имаме одличен тим, а дали ќе фатиме приклучок за титула ќе видиме на крајот од првенството. За време на анализата со Шкендија, донесовме заклучок дека мора да го освежуваме тимот за да може да одговориме тркачки. Можам да ветам работа, дисциплина, ред, на секој меч да играме машки и борбено“, изјави Ѓорѓиоски по мечот.
Во следното коло за викенд Струга ќе се судри со екипата на Беса од Добри Дол.