Манчестер Јунајтед со гол од офсајд го исфрли Лестер Сити (2-1) од ФА Купот.
Поради тоа што нема ВАР технологија до осминафиналето, првичната одлука на судиите на теренот беше конечна. По натпреварот сериозна критика испрати тренерот на поразениот тим Руд Ван Нистелрој.
„Тешко е да се прифати бидејќи натпреварот го реши грешка. Не беше ова ситуација за ВАР, каде што одлучува половина метар туку евидентен офсајд. Тимот не заслужи да загуби на овој начин. Кога се подготвуваш за овој натпревар и реагираш добро со таков перформанс, а решено е со очигледна грешка – тоа е неприфатливо за нас на ова ниво. Сепак, немаме што да правиме освен да се кренеме и да продолжиме понатаму“, изјави Ван Нистелрој.
„Црвените ѓаволи“ продолжуваат со походот кон одбрана на трофејот, а Лестер го заврши патот во најмасовното англиско натпреварување.