Барселона се радува на трофејот во Суперкупот на Шпанија, откако во Џеда го совлада Реал Мадрид со огромни 2-5 (1-4). Спектакуларното финале понуди дури седум погодоци, црвен картон, гол од слободен удар и многу возбудувања за неутралната публика.
Успеа Реал Мадрид прв да поведе по само пет минути игра преку Килиан Мбапе. Французинот добро издрибла и погоди за кралска предност од 1-0. Веќе во 22. минута Ламин Јамал успеа да израмни на 1-1 по асистенција на Левандовски. Финишот на првиот дел беше спектакуларен со три гола во мрежата на Тибо Куртоа.
Прво Роберт Левандовски го реализира пеналот кој го направи Камавинга за 1-2 во 36. минута. Веќе во 39. на 1-3 зголеми Рафиња со одличен гол со глава, а Алехандро Балде во 55. минута од првиот дел погоди по контра за 1-4.
Спектаклот продолжи во второто полувреме бидејќи откако Родриго погоди статива, следеше казната во вид на петти гол во мрежата на Куртоа. Во контра напад Рафиња вторпат се запиша меѓу стрелците и погоди за 1-5.
Во 56. минута Барселона остана со десетмина бидејќи голманот Шчесни надвор од шеснаесетникот го фаулира Мбапе кој беше сам пред голот. Токму од тој слободен удар Родриго биеше одлично и стрела за враќање на надежите (2-5). Во завршницата Реал се обиде да се наметне, меѓутоа немаше сили за во целост да ја стисне Барселона која рутински го одбрани стекнатото водство и го освои трофејот.