Во Барселона 2025 година не започна добро за Дани Олмо и Виктор Пау, фудбалерите кои клубот не успеа да ги регистрира поради финансиските проблеми.
Сега јавно за ситуацијата за првпат зборуваше и германскиот стратег Ханси Флик.
„Не сакам да зборувам премногу на таа тема бидејќи тоа не е моја работа. Моја работа е да го подготвувам тимот за натпреварите. Во контакт сум со претседателот, денес разговаравме и верувам дека ќе има решение“, изјави Флик.
Сепак, Флик призна дека не е среќен со актуелната ситуација.
„Да бидам искрен, не сум задоволен од ситуацијата. Не се ниту фудбалерите. Но работите се такви какви што се и мораме да ги прифатиме“, истакна германскиот тренер.
Секако ситуацијата не е лесна и за самите фудбалери.
„Разговарав со Дани и Пау. Ситуацијата за нив не е лесна, но се позитивни и сакаат да играат за овој клуб. Тоа се добри и важни фудбалери за нас. Ќе видиме каква одлука ќе биде донесена и тогаш ќе завземеме свој став. Знам дека ситуацијата не е лесна, но секогаш сум позитивен“, порача Флик.
Флик потенцираше и дека Олмо и Виктор се спремни да играат натпревари и дека целата ситуација не влијаела премногу на нивната физичка подготвеност.