Селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски одржа емотивна прес-конференција по победата над Фарски Острови, меч со кој го завршивме циклусот во Лигата на нации.
Македонија со серија од пет победи по ред и без ниту еден пораз ја заврши групата во Лигата на нации убедливо на првата позиција со 16 бода. Ја остваривме целта да се пласираме во Лига Б, а овој скор можеби на крајот ќе ни донесе и бараж за пласман на Светското првенство.
„Емоции секогаш има и секогаш ќе има, затоа што го работиш тоа што најмногу го сакаш и ја водиш твојата репрезентација. Кога ќе ми снема емоција, сам ќе си заминам. Затоа и останав по поразот во Манчестер. Немам замерки за никого секој одговара за своите постапки. Ќе повторам овие момци заслужуваат почит, никој не е вечен сите се менуваме, само Македонија е вечна. Мора да работиме во интересот на Македонија и само тоа е правилниот начин“, вели Милевски.
„Слушам дека сме имале лесни противници, но не се согласувам со тоа. Сите грабаат со големи чекори напред. Оној што не гледа квалитет кај овие наши противници не го следи европскиот фудбал. Верувам дека ова е одличен пример како се игра за својата репрезентација и мислам дека заслужуваат поголема почит“.
„Македонија и приморана да бара решенија во одредени позиции и сето тоа го правиме додека играме важни натпревари. Ростерот е тој, бројот на фудбалери што можат да бидат конкуренти за европски натпревари е таков каков што е. Но, повторно ќе кажам за мене овие момци навистина не се нормални. Дури осуммина од стартниот состав немаат минутажа во клубовите и од тој аспект затоа заслужуваат огромен респект. Морам да го почитувам тоа што го прават и што го играат за Македонија. Тие се тие и нема никогаш да се откажам, токму поради се што постигнуваат за репрезентацијата. Само тие си знаат како ја одржуваат физичката и менталната форма. Навистина докажаа дека ментално се веројатно најспремни“.
„Стефан Ристовски? Сите знаеме чија е одлуката Стефан Ристовски да не игра за репрезентацијата. Јас него го почитувам максимално. И неговата личност и кариера. Таа беше негова одлука и мора да се почитува. Прашањето дали ќе игра за Македонија не треба да биде наменето за мене“, рече Милевски.