Поранешниот тренер на Ливерпул, Јирген Клоп вели дека никогаш не толерирал играчи со менталитет како оној на Серхио Рамос, па ги бркал од неговите тимови.
Јирген Клоп оваа недела беше гостин во поткасот на Тони Крос, и беше начната тема за Сeрхио Рамос, кој стана омразен лик во очите на навивачите на Ливерпул откако го повреди Мохамед Салах во финалето во Лигата на шампиони во 2018 година.
Дефанзивецот на истиот натпревар имаше и дуел со Лорис Кариус, по кој голманот заработи потрес на мозокот и се претпоставува дека ова влијаеше на неговите големи грешки на тој натпревар.
„Дали Серхиo Рамос е навистина добро момче? Тој не е помеѓу моите омилени играчи. Стартот врз Салах беше брутален. Ајде да речеме дека не знаел дека Мо има проблеми со рамото, но на сите ни е јасно дека со задоволство го прифати исходот од тој дуел“ – вели Јирген Клоп.
„Никогаш не сум можел да го разберам тој менталитет, никогаш не сум имал такви играчи, а кога сум имал, сум се погрижувал за брзо време да си заминат“.
На ова, Тони Крос одговори дека Серхио Рамос бил навистина добар соиграч.