Тренерот на Манчестер јунајтед, Ерик тен Хаг вели дека сите се погодени од одлуката да му се даде отказ на Сер Алекс Фергусон, но верува дека легендарниот Шкот и понатаму ќе биде на располагање за совети.
Изминативе денови, една од топ темите на „островото“ беше отказот на Сер Алекс Фергусон, „ѓаволите“ кратат трошоци и повеќе не сакаат да му плаќаат на Шкотот за неговата улога како амбасадор на клубот (нешто над 2 милиони фунти годишно).
Па на средбата со новинарите, Ерик тен Хаг беше запрашан што мисли за овој потег.
„Секако дека сме погодени, Сер Алекс Фергусон е Манчестер јунајтед. Тој го изгради клубот на ова ниво, па да, погодени сме од одлуката“ – вели тренерот на „ѓаволите“.
„Тој сака да види победнички Манчестер јунајтед, па сигурен сум дека ќе биде на располагање за совети доколку ни е потребна помош“.
Холанѓанецот потоа додаде: „Од време на време разговаравме, еднаш на шест месеци имав формален состанок со него, но неформално често дискутиравме по крајот на натпреварите.
„Во моментов не можеме да ги исполниме стандардите кои тој ги постави, но освоивме трофеи. Полека се враќаме на правиот пат, но очигледно е дека се уште не сме на тоа ниво кое го постави Сер Алекс Фергусон.