Фудбалерите на Беса гостуваат кај Шкупи во вонредното седмо коло на Првата македонска фудбалска лига.
Во пресрет на тешкото гостување на „Чаир“ против ривалот кој е во форма, своите очекувања ги изнесе искусниот Меџит Незири. Тој призна дека Шкупи е фаворит, меѓутоа порача дека во фудбалот изненадувањата се можни.
„Против Шкупи го играме четвртиот натпревар во десетина дена. Тоа ќе биде важна пресметка со тим кој се бори за титулата. Јасно е дека изненадувањата секогаш се можни. Ние како клуб ќе се обидеме да се прикажеме во добро светло. Ни недостигаат добрите резултати. Сепак, сметам дека лесно можеме да влеземе во форма. Мора да внимаваме, Шкупи е квалитетен ривал, меѓутоа мора и да ја наметнеме нашата игра. Се надевам дека по неуспехот со Пелистер ќе се вратиме со позитивен исход во Скопје“, изјави Незири.
Натпреварот во Скопје се игра во среда во 15.00 часот, со уште четири меча во ПМФЛ. Единствениот во вечерен термин е меѓу Вардар и Силекс.