Медиумите од „островото“ пишуваат за можна трампа помеѓу Челси и Манчестер јунајтед во која ќе бидат инволвирани Рахим Стерлинг и Џејдон Санчо.
Челси минатата недела го прешкрта Рахим Стерлинг, го испрати напаѓачот дома и му ја зема 7-цата, бројот го доби новото засилување Педро Нето.
Англичанецот не е заинтересиран за преселба во Саудиска Арабија, па „сините“ до крајот на неделава ќе треба да му најдат нов клуб.
Рахим Стерлинг има неделна плата од преку 300.000 фунти, сума која ретко кој може да си ја дозволи, па Челси веројатно ќе треба да го компензира и да му плати да си оди.
Сепак, има и една друга опција која со денови кружи низ медиумите од „островото“ а тоа е спектакуларна трампа со Манчестер јунајтед, Рахим Стерлинг ќе биде испратен на Олд Трафорд, а на Стемфорд Бриџ ќе пристигне Џејдон Санчо.
Во моментов преговорите се во рана фаза и само се опипува терен за една ваква зделка која е прилично комплексна поради тоа што се работи за два големи ривали, и плус двајцата играчи имаат високи плати.
Сепак, се може да се случи во последниот ден од преодниот рок, особено доколку другите преговори влезат во ќор сокак.
Во моментов, Челси приоритет дава на ангажман на Виктор Осимен од Наполи, а Јувентус ја води трката за потписот на Џејдон Санчо.