Фудбалската легенда на Словачка, Марек Хамшик во текот на Европското првенство откри интересна анегдота која му се случила со македонски навивачи.
Во својата кариера Хамшик беше соиграч со Горан Пандев во Наполи, а по завршувањето на професионалната кариера го промени својот имиџ. Поради големата промена, навивачи од Македонија кои побарале да ги фотографира не го препознале.
„Некогаш луѓето не ме препознаваат без мојата фризура. Група на македонските фанови побараа да се сликаат, но сакаа само да ги сликам. Направив така и им кажав дека го познавам Горан Пандев, не ми веруваа. Кога побараа на интеренет и ме препознаа, тогаш се фотографиравме заедно“, раскажа Хамшик.
Хамшик со Наполи двапати го освојуваше Купот на Италија и еднаш Суперкупот. Во кариерата освои трофеј во турското првенство во сезоната 2021/2022. Дресот на репрезентацијата на Словачка го носеше на 138 натпревари и постигна 26 голови.