Легендата на македонскиот фудбал, Дарко Панчев изминативе денови беше гостин на Црвена Звезда која и претстави ретро дрес во чест на сеќавањата од 1991 година кога овој клуб стигна до историската европска титула со победата во финалето во Бари.
Панчев гостуваше и на промоцијата на ретро дресот од таа година. Звезда тогаш во финалето го победи Олимпик Марсеј и токму Панчев го реализираше одлучувачкиот пенал.
„Кога го облеков дресот ми се вратија спомените на 1991 кога ја покоривме Европа. Добив желба повторно да играм, но годините си го прават своето. Покрај светиот грб стои мојот потпис, има и ознака дека ја освоив „Златната копачка“. Драго ми е што се чуваат тие сеќавања“, изјави Панчев.
Во Црвена Звезда го оствари најголемиот успех во кариерата, но во неговото срце е и Вардар.
„Немам дилеми, секогаш сум зборувал дека Вардар и Црвена Звезда се најважните клубови за мене. Јас имам две мајки, првата е Македонија, втората Срвија и тоа е нешто кое никој не може да го промени. Се останато и играњето на други места било печалбарски, она што го имам во срцето за Вардар и Звезда е она вистинското. Моите чувства и спомени се поврзани за овие клубови“, зборува Панчев.
Ќе потсетиме, токму вчера изминуваа 33 години од таа освоена европска титула на Звезда во Бари.