Столе Димитриевски и Валенсија со месеци имаат вербален договор, но за Македонецот да се пресели на Местаља е потребна брза продажба на Георги Мамардашвили.
Столе Димитриевски ги одработува последните месеци од договорот со Рајо, големи се шансите летоска да ја промени средината, и како што пренесува Релево, голманот приоритет дава на трансфер во Валенсија.
Двете страни си имаат подадено рака уште во февруари, пронајден е заеднички јазик за должината на соработката и висината на платата.
Но во моментов договорот е само вербален, и за трансферот да се официјализира, потребно е прво Валенсија да го продаде Георги Мамардашвили.
Популарните „Лос Че“ не сакаат по секоја цена да се разделат со Грузиецот, но од друга страна, Столе Димитриевски нема вечно да ги чека.
Македонецот дал рок до втората половина на јуни месец Валенсија да најде купец за Гиорги Мамардашвили, и тој да пристигне на Местаља како слободен играч, во спротивно ќе си бара друг клуб.
Релево додава дека на адреса на Столе Димитриевски пристигнале две богати понуди од Саудиска Арабија, но во моментов тој нема желба да ги прифати, сака да продолжи да игра во Европа, во силно првенство.