И покрај тоа што има доволно пари, Арсенал е верен на својата политика на плати и не сака да отстапи од неа. Според пишувањата на медиумите, Алексис Санчез и Месут Озил бараат плати од по 250.000 фунти неделно. Германецот во моментов со 140.000 неделно е најплатениот фудбалер во тимот.
„Продолжуваме да инвестираме во клучните игрчи. Франсис Коклан, Eктор Бељерин, Лорен Косчиелни и Оливие Жиру веќе потпишаа нови договори, ги искористивме и опциите да ги продолжиме договорите со Пер Мертесакер и Санти Казорла“ – вели претседателот на Арсенал, Сер Чипс Кесвик.
„Потребна е понатамошна работа во оваа област и ние ќе продолжиме рационално да инвестираме во задржување на нашиот состав. Како што се очекуваше, зголемувањето на приходите од ТВ правата за емитување на Премиерлигата има директно влијание врз трошоците за играчите како што се трансфер цените на пазарот и платите на фудбалерите. И додека ова се пазарни сили кои со текот на време допринесоа директно за успехот на Премиерлигата, би советувал на претпазливост поради големите парични договорни обврски за идни плати кои клубовите ги превземаат“.
Ваквата изјава на високиот претставник на Арсенал од англиските медиуми беше протолкувана дека тие нема да ги прифатат високите барања на Алексис Санчез и Месут Озил. Клубот им нуди подобри договори од сегашните, но не толку колку што бараат. Доколку двајцата фудбалери ги намалат своите барања и прифатат некој компромис, можно е преговорите да завршат позитивно. Во спротивно ќе заминат во летниот преоден рок.
Дополнително Санчез и Озил се разочарани од конкурентноста на тимот. Арсенал со години веќе е далеку од битката за главните трофеи во сезоната, Премиерлигата и Лигата на шампионите, и се задоволува со пласман меѓу четирите најдобри во Премиерлигата.
Интерес за нив има од побагати клубови кои покажуваат поголема амбиција за освојување на трофеи од Арсенал, па како одминува времето се чини дека Санчез и Озил се се поблиску до излезната врата од Емирати отколку до останување во Северен Лондон.