Сите 12 градови
домаќини за претстојното Европско првенство кое е предвидено да се одржи на
лето, а на кое учество ќе земе и нашата најдобра фудбалска репрезентација, веќе
индицирале до УЕФА дека ќе бидат во можност да дозволат одредена бројка
навивачи на трибините, меѓутоа конечната бројка ќе мораат да ја потврдат до
среда оваа седмица.
Токму на 7 април
сите градови ќе мораат на УЕФА да и ги претстават своите планови за истите
воедно и да се финализираат, а градовите воедно беа и предупредени од страна на
првиот човек на УЕФА, Александер Чеферин дека би можеле да ја загубат улогата
на организатори доколку не можат да потврдат дека навивачи ќе има на трибините.
Како и да е, се
верува дека сите градови ќе потврдат дека се во таква можност, а голема е
веројатноста многу од нив ќе понудат само 10% од капацитетот на гледалиштата да
биде исполнет со навивачи, меѓутоа од европската куќа на фудбалот наводно
бараат 25%.
„Имаме повеќе
сценарија, меѓутоа едно од тие кое можеме да го потврдиме е фактот дека
натпревари без присуство на публика е отфрлена опција, секој домаќин ќе мора да
гарантира дека ќе има присуство на навивачи на натпреварите“ рече Чеферин пред
извесен период.
Ирски „Тајмс“
извести дека тамошната влада била предупредена за тоа дека ќе мора да овозможи
присуство на навивачи со 25% исполнетост од вкупниот капацитет на стадионот за
четирите натпревари предвидени да се одиграат во Даблин, меѓутоа првиот човек
за односи со јавност за одделот за спорт во Ирска, за „Сан“ наведе дека
тамошните власти не се во позиција во овие моменти да дадат гаранции за
одредени минимални нивоа на бројки на гледачи.
Што значи тоа за
Македонија?
Нашите фудбалери
историскиот настап на претстојното Европско првенство го отвораат против
Австрија на 13 јуни на „Националната арена“ во Букурешт, Романија, за четири
дена подоцна на истата арена да ги одмерат силите и со Украина.
Фудбалската арена
во Букурешт има капацитет за 55,634 гледачи, па 25% носи бројка од 13,908
гледачи, бројка која воопшто не е наивна.
Речиси идентична
е бројката навивачи и за дуелот со Холандија во третото коло, кој се игра на
терен на противникот, односно на „Јохан Кројф“ арената во Амстердам која е со
капацитет за 55,500 гледачи.