Милито беше еден од клучните фудбалери на Интер за историската тројна круна која нероазурите ја освоија под водство на Жозе Мурињо.
„Не можам да го опишам чувството, колку е посебен овој ден за мене. Да се влезе во куќата на славните во Интер покрај сите овие големи имиња е нешто неверојатно. Ако треба да изберам кој ми е најдраг погодок, тоа е вториот од финалето во Лигата на шампионите“, вели Милито.
Потоа преку видео линк добиваше честитки од поранешните соиграчи, му честиташе и Горан Пандев по што Милито му се заблагодари и кажа многу пофалби за Македонецот.
„Многу сум среќен што го слушнав. Горан е извонреден човек и голем шампион. Кога дојде во јануари 2010 даде огромен придонес во сето тоа што го направивме, беше одличен во сите клубови за кои настапуваше во кариерата. Денеска ќе наздравам и за него“, изјави Милито.