Германија соопшти дека Јоаким Лев заминува од кормилото по крајот на Европското првенство. Многумина веднаш го поврзаа Јирген Клоп со селекторското столче, но стратегот попладнево изјави дека нема да ги превземе „панцерите“.
„Ако тоа е прашањето што сакаш да го поставиш, „Дали сум достапен за работата?“ одговорот е НЕ“ – рече Клоп на пресконференцијата во пресрет на реваншот со РБ Лајпциг во Лигата на шампиони.
„Јоги Лев одлично си ја вршеше работата долги години, тој е еден од најуспешните. По Европското првенство, некој друг ќе ја врши работата. Германија има многу добри тренери“.
„Но јас нема да бидам тоа. Нема да бидам потенцијален селектор на Германија летоска, ниту пак по крајот на летото“.
„Имам уште три години од договорот со Ливерпул и сакам да го одработам“.