Барселона треба да избере нов претседател, во нормални услови кандидатите ќе ветуваа секакви имиња но „каталонците“ сега се во голема криза, нема пари па кандидатите се внимателни, особено Жoан Лапорта и Виктор Фонт.
Тони Фреиша сепак реши да открие дел од адутите, вели дека има договор за продажба на 49% од Барса Корпорејт, па ќе има пари за засилувања и ангажман на две големи имиња од нападот и еден дефанзивец.
„Подолго време водиме преговори и конечно подадовме рака за продажба на 49% од Барса Корпорејт за 250 милиони евра“ – вели Тони Фреиша.
„За сезоната 2021/22 ќе ги инвестираме парите во две големи имиња од нападот и еден дефанзивец. Барса ќе има конкурентен тим каков што заслужува и каков што навивачите бараат“.
Запрашан за Килијан Мбапе и Ерлинг Халанд тој вели: „Не сакам да зборувам за конкретни имиња, најдобро е да не се зборува за имиња се додека не е договорен трансферот, но да, можно е да ги купиме. Барса мора да ангажира вакви играчи, кои можат да направат разлика“.