Тотнем не успеа да освои трофеј со Покетино иако тој донесе голем напредок во тимот и го однесе во финалето од Лигата на шампионите. Последната освоена титула на Спарс е Лига Купот од 2008 година. Претходно овој куп го имаат освоено и во 1999, тие им се трофеите во последните 30 години.
Но Тотнем под водство на Мурињо изгледа како тим кој може да атакува на трофеи, доколку ја сочуваа предноста против Вест Хем од 3-0, сега ќе беа на првото место во Премиерлигата, а бодови во судиското продолжение изгубија и против Њукасл.
„Се уште е рано и знам дека е клише, но мора да одиме од натпревар во натпревар. Далеку сме, загубивме бодови кои требаше да ги имаме и треба уште многу да учиме и да се надоградуваме. Но ноќи како оваа ви даваат многу самодоверба. Потребен ни е целиот состав кој го имаме и фактот што имаме заедништво во соблекувалната е многу важно“, вели Кејн.
„Тука сме веќе многу години. Многумина од нас се тука четири или пет години, и засилувањата ова лето се одлични. Сега имаме повеќе лидери во тимот, имаме повеќе искуство. Знаеме дека со тимот кој го имаме можеме да освоиме нешто посебно“.
„Треба да продолжи ова заедништво што го има во тимот и да се бориме за секој бод кога ќе имаме тешки мечеви како овој. Загубивме некои поени, мечот со Вест Хем беше разочарување, но се вративме, го направивме овој резултат и тоа е добро“.
„Ова се резултати кои се бројат на крајот од сезоната. Треба да веруваме, да бидеме заедно, ова ќе биде долга година“.