Изминатиов викенд беа објавени детали од проектот „Голема слика“ со кој треба да се направат радикални промени во Премиерлигата. Ливерпул и Манчестер јунајтед сакаат да протуркаат план со кој бројот на клубови ќе се намали од 20 на 18, повеќе нема да има Лига Куп и Комјунити Шилд.
Сето ова наиде на критики, а според Мет Лоутон од „Тајмс“, реализација на проектот ќе придонесе за голем јаз помеѓу топ шест клубовите и останатите, па никогаш повеќе нема да видиме тим како Лестер да ја освои Премиерлигата.
„Простата математика сега вели дека за секоја фунта што ја добиваат клубовите на долниот дел од табелата, оние при врвот добиваат 1,80 фунти. Па затоа Брајтон од сегашниот свет може да се натпреварува. Со проектот кој се предлага, за секоја фунта што ќе ја добиваат клубовите од долниот дел на табелата, оние при врвот ќе добиваат дури четири. Тоа значи дека јазот ќе стане многу голем, и никогаш нема да видиме тим како Лестер да ја освои Премиерлигата. Нема шанси да се повтори таква приказна“ – вели Мет Лоутон во разговор со „Токспорт“.