Лошо го разбрале или Пандев најави пензија: Да ја спасам Џенова од испаѓање и ставам крај на кариерата

by
1 минути читање

Македонија ќе
брка историско учество на Европското првенство без својот капитен и најдобар
играч, барем таков впечаток се добива од интервјуто на Горан Пандев кое
медиумите од Италија го објавија денеска.

Запрашан дали ќе ги обеси копачките на ѕид по крајот на сезоната, Македонецот за Кориере дело
Спорт вели: „Пред пандемијата, реков дека сакам да ја спасам Џенова од испаѓање
и потоа да се пензионирам. Се надевам дека наскоро работите ќе се вратата во
нормала и потоа ќе видиме што ќе се случи“.

„Во моментов планот
е да ставам крај на кариерата по финишот на сезоната. Го замислувам мојот проштален натпревар
со многу луѓе на стадионот, сакам да им кажам збогум на сите „рособлу“ бидејќи
тука поминав прекрасни пет години. Го дадов максимумот за овој дрес, сакам да се
разделам со фудбалот на полн „Ферарис““.

Останува да се
види дали Горан Пандев навистина ќе се пензионира или едноставно лошо бил
разбран, со оглед на тоа дека напаѓачот во неколку наврати кажа дека желба му е
да ја заврши кариерата со Македонија на големо натпреварување.

„Црвено-жолтите“
имаат шанса за настап на ЕП преку бараж од Лига на нации, но поради пандемијата
на коронавирус, баражот е одложен на неодредено време а континенталниот собир е
презакажан за 2021 година. Поради ова, се најавуваше дека Горан Пандев ќе
продолжи уште една сезона и веќе одржал преговори со Џенова за нов едногодишен
договор. 

Можно е и ова да ти се допаѓа

×