Дополнително се усложнува донесувањето на планот за продолжување на сезоната во Премиерлигата откако на шестте клубови кои претходно се бунеа им се приклучија уште два.
Шестте последни клубови во Премиерлигата не се согласуваат натпреварите од продолжението на сезоната да се играат на неутрални терени. Тие сметаат дека така би ја загубиле предноста на домашен терен иако е јасно дека мечевите ќе се играат без публика.
На ваквите забелешки сега се приклучиле уште два клуба кои се погоре на табелата, а со тоа се проблематизира гласањето. Две третини од клубовите, односно 14 треба да се изјаснат позитивно за планот да биде прифатен. Сега се 12 наспроти 8.
Многумина противењето на помалите клубови го сфаќаат како неосновано бунтување бидејќи не сите тие би имале подобар распоред на домашен терен. А во услови кога нема навивачи и предноста од играње дома нема вистинско значење.
Утре клубовите од Премиерлигата ќе имаат нов состанок на кој ќе се потрудат да ги надминат недоразбирањата.
За разлика од Бундеслигата каде што се реагираше најпрагматично, во Англија, Италија и Шпанија се уште само се прогнозира кога би продолжила сезоната.