Таа сезона Јувентус беше во тесна трка за Скудетото со Наполи и можеби немаше да дојде до трофејот доколку не ги освоеше трите бода од гостувањето кај Интер каде победи со 3-2.
На тој меч Миралем Пјаниќ имаше остар старт врз Рафиња, судијата Даниеле Орсато по консултација со ВАР собата му додели само жолт картон. Интер од 18. минута играше со фудбалер помалку поради црвен картон на Весино.
Во декември минатата година главниот обвинител при Фудбалската федерација на Италија, Џузепе Пекораро си поднесе оставка. Тој молчеше долго време за скандалот, и конечно денеска реши да зборува.
„Се работи за судењето на Орсато на мечот меѓу Интер и Јувентус што допринесе да имам тензија со судиите. Побарав да ми биде доставен материјал од разговорите меѓу Орсато и судиите во ВАР собата од тој натпревар. Тие ми доставија материјали дури на почетокот од следната сезона. Но изненадувањето беше уште поголемо откако го отворивме фајлот, во него го немаше токму тоа што го баравме, разговорот меѓу Орсато и ВАР собата за моментот кога не му беше доделен црвен картон на Пјаниќ. Причина? Тие ми рекоа дека го немаат“, вели Џузепе Пекораро.