Италијанската и германската лиги имаат исти протоколи во случај фудбалер да биде позитивен на Ковид-19 откако ќе продолжи сезоната, но Италијаните може да имаат проблем да го реализираат.
Ако одреден играч е позитивен на коронавирус само тој ќе оди во двонеделен каратин а натпреварите ќе си продолжат според предвидениот распоред, неговиот тим и понатаму ќе игра.
Но, италијанската влада предвидува нешто друго, а доколку остане на својот став сезоната тешко дека ќе се доигра ако некој фудбалер се зарази од коронавирус.
Според владата на Италија, заразениот фудбалер би одел во карантин, но и сите оние со кои бил во близок контакт. Тоа значи сите негови соиграчи и играчите од противничкиот тим со кои неодамна се сретнале ќе одат во изолација.
Во една таква ситуација, целата лига ќе се стопира за нови 14 дена и тоа значи дека ќе нема доволно време за сезоната да се доигра.
Властите во земјите во кои ќе продолжи фудбалот ќе треба да направат некој компромис во врска со овој проблем, во спротивно во земјите каде што ќе има фудбалери позитивни на Ковид-19 сезоните нема да се доиграат.