Горан Пандев беше еден од главните фудбалери на Лацио, во овој тим можеби играше и во најдобра форма. Му се претстави на светот на голема сцена, но и покрај одличните партии многу доцна доби предлог за нов договор од Лотито. Односите меѓу двајцата се нарушија, па двајцата преку суд се разделија.
„Во Лацио пристигнав кога се промени сопствеништвото, кога Лотито стана претседател. Сон беше да се носи тој дрес, да се следи патот на многу шампиони од мојот регион како Бокшиќ, Михајловиќ, Станковиќ. Делио Роси имаше верба во мене и тие сезони беа неповторливи“, вели Пандев.
„Секоја година постигнував голови и асистирав, но додека Лотито ги обновуваше договорите на другите фудбалери мојата ситуација остануваше непроменета. Тоа траеше. Сакав да ја продолжам кариерата во Лацио, но наместо тоа завршивме лошо. Се чувствував неубаво, и кога конечно претседателот понуди продолжување на соработката, веќе беше доцна, нашиот однос веќе не беше ист. Можеби бев наивен, но не помислував дека ќе завршам надвор од тимот со барањето за трансфер“.
„Мислам дека претседателот направи една грешка околу менаџирањето на продолжувањето на договорот и втора поголема грешка потоа која произлезе главно од неговата гордост. Се случија лоши работи на кои не сакам да се сеќавам. Тоа што бев шест месеци надвор од тимот без можност да тренирам со соиграчите, без да ја шутнам топката или да се збогувам со нив ме болеше многу поради тоа што се случуваше претходните години во кои давав се за тој дрес. Навистина ми е жал“.
„Во моментот кога ја слушнав пресудата бев пресреќен. Моите адвокати ми се приклучија. Се гушкавме и славевме како да сме добиле финале. Колку многу тензија се создаде, без нив ќе пропаднев. Сакам да му се заблагодарам на мојот адвокат Грасини кој ме бранеше и победивме“.
„Во Лацио имав пет прекрасни години кои ќе ги паметам до крајот на мојот живот. Но не оди се како што замислувате. Тие потешкотии веројатно ме направија посвесен и позрел“.